понеделник, 20. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Од почетокот на војната во Украина убиени се 38 деца

Од почетокот на војната во Украина убиени се 38 деца

На тринаесеттиот ден од руските напади врз Украина, Москва објави дека воспоставува локален прекин на огнот во неколку украински градови за да се овозможи евакуација на цивили преку хуманитарни коридори. Киев, пак, ја обвини Москва за кршење на хуманитарниот коридор чија цел е да им овозможи на цивилите да го напуштат опколениот јужен пристанишен град Мариупол.

Бројот на украински бегалци кон европските земји се зголемува.

„Го изгубив домот, го изгубив нормалниот живот, имав работа таму, а сега морав да побегнам од мојата земја затоа што некој луд сака… Не знам што сака.“

УНХЦР соопшти дека според текот на настаните, проценка е дека наредните два дена бројот на бегалци од воените жаришта во Украина може значително да се зголеми.

„Мислам дека денеска или можеби најдоцна утре ќе ја поминеме границата од два милиони. Значи, бегалската криза не престанува.“ – изјави Филипо Гранди УНХЦР.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг тврди дека има веродостојни информации дека Русија гаѓала цивилни цели во Украина и ја повика Москва да го прекине конфликтот.

„Ние имаме одговорност да обезбедиме конфликтот да не ескалира и да не се прошири надвор од Украина. Ќе ја заштитиме и браниме секоја педа од сојузничката територија.“ – изјави Јенс Столтенберг генерален секретар на НАТО.

Украинските власти соопштија дека офанзивата на Русија врз Украина продолжува, но со значително побавно темпо. Украинската воена разузнавачка служба објави дека украинските сили убиле генерал кај Харков, втор руски висок командант кој загинал од почетокот на војната, пренесува Ројтерс.

Руското Министерство за одбрана не го потврди овој извештај. Украина бара директни преговори меѓу Зеленски и Путин. За 10 март е најавена средба меѓу шефовите на руската и украинската дипломатија во Анталија. Мал напредок бил остварен во третата рунда преговори, но двете делегации се надеваат дека во текот на преговорите ќе се најде решение. На прашањето за можноста за признавање на Крим и Република Донбас, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека постои можност да се разговара за тоа и да се најде компромис.

„Можеме да разговараме за тоа и да најдеме компромис за тоа како луѓето ќе продолжат да живеат таму. Што се однесува до НАТО, сфативме дека НАТО не е подготвен да ја прифати Украина. Алијансата стравува од контрадикторни работи и конфронтација со Русија.“ – изјави Володимир Зеленски претседател на Украина.

Рускиот претседател Владимир Путин тврди дека ниту еден регрут или резервист не e пратен да се бори во војната на неговата земја против Украина. Наведува дека ја разбира загриженоста на мајките, сопругите и роднините на војниците кои се во Украина.

„Задачите ги преземаат само професионални војници, тие ќе обезбедат безбедност и мир за народот на Русија.“ – изјави Владимир Путин претседател на Русија.

Поранешниот украински претседател Виктор Јанукович, кој живее во Русија откако беше соборен во 2014 година, му напишал писмо на украинскиот претседател Зеленски во кое го повикал „да престане да се бори“.

Европската комисија подготвува нов пакет санкции против Русија и Белорусија, насочен кон руски олигарси и политичари, како и три белоруски банки. Руското Министерство за надворешни работи, соопшти дека Русија и САД треба да се вратат на принципот на „мирен соживот“ како за време на Студената војна.