Во Јужен Судан, земја која се бори со тешка криза со глад поради честите поплави и вооружените конфликти, околу 1,4 милиона деца, на возраст под пет години, страдаат од неухранетост, предупреди денеска невладината организација „Спасете ги децата“(Save the Children).
Најмладата земја во светот, жртва на политичко-етничко насилство и хронична нестабилност од нејзината независност од Судан во 2011 година, четврта година по ред е опустошена од поплавите, кои и годинава зафатија девет од десет нејзини региони.
Податоците на ОН покажуваат дека 8,9 милиони жители или 71 отсто од населението имаат потреба од хуманитарна помош.
„Меѓу нив има 1,4 милиона деца, на возраст под пет години, кои страдаат од неухранетост“, се наведува во соопштението на невладината организација.
„Ситуацијата се влоши во последните месеци бидејќи повеќе од 615.000 лица четврта година по ред се погодени од невидена поплава која уништи куќи и посеви и предизвика зголемување на случаите на маларија и каснување од змии, особено кај жените и децата “, наведуваат од организацијата „Спасете ги деацата“ .
Националната валута на оваа источно-африканска земја годинава загуби 40 отсто од вредноста, што доведе до зголемување на цените на увозните производи, на што влијае и војната во Украина, посочува истиот извор.
-Јужен Судан е меѓу петте земји во светот што се најранливи на климатските промени, изјави Џиб Рабилтосапорн, директор на организацијата „Спасете ги децата“ за Јужен Судан.