Девет кинески бродови и денеска сè уште оперираат во водите околу Тајван, соопшти Министерството за одбрана на овој остров со повеќедецениска самоуправа, откако вчера таму завршија тридневните кинески поморски вежби, јави ДПА.
„Ќе продолжиме внимателно да ги следиме движењата“, соопшти тајванското Министерство за национална одбрана на Твитер.
Пекинг, пак, соопшти дека неговите воени игри се спроведоа како одговор на средбата на тајванската претседателка Цаи Инг-вен со претседателот на Претставничкиот дом на САД, Кевин Мекарти во Калифорнија минатата недела.
Покрај деветте поморски бродови, уште 26 авиони ја минаа средишната линија на Тајванскиот теснец и влегоа во воздушниот простор на Тајван меѓу 6 и 11 часот (22 часот синоќа и 03 часот утринава по средноевропско време).
Тајван вчера регистрираше 91 кинески авион, што претставува ново највисоко ниво на бројот на дневни летови на кинеските авиони. Од нив, 54 ја поминале средишната линија, дополни ДПА и додаде дека вчера околу островот биле забележени уште 12 бродови на морнарицата на Народноослободителната војска.
Кинеската Источна команда соопшти дека вежбите служеле како предупредување за силите за независност во Тајван и странските елементи кои се мешаат во тајванското прашање.
Тајванскиот парламент денеска ги повика кинеските власти веднаш да престанат со заплашувањето со сила. Исто така, ја повикува меѓународната заедница заеднички да ја осуди Кина.
Во меѓувреме, како што јавивме Цаи остро ја осуди Кина користејќи ја нејзината посета како изговор за започнување воени вежби.
-Ова не е одговорен став како главна земја во регионот, рече таа во денеска објавениот видео материјал.
Таа им се заблагодари на членовите на вооружените сили на Тајван и единиците на крајбрежната стража што останаа смирени во услови на тензии.