петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Олексеј Чернишов нов директор на украински Нафтогаз

Олексеј Чернишов нов директор на украински Нафтогаз

Поранешниот украински министер Олексеј Чернишов денеска ја презеде функцијата извршен директор на државната енергетска компанија Нафтогаз, соочувајќи се со низа предизвици кои вклучуваат долгови и војна.

Чернишов беше назначен на функцијата директор на Нафтогаз со владин декрет кој вчера го потпиша украинскиот премиер Денис Шмихал.

Во изминатите речиси две години на челната позиција во Нафтогаз беше Јуриј Витренко, кој неделава поднесе оставка, без да наведе причина.

Чернишов денеска не сакаше да ја коментира новата позиција. Тој беше министер за заедница и територијален развој од март 2020 до ноември 2021 година, а претходно беше гувернер на регионот Киев и успешен бизнисмен во регионот Харков.

Нафтогаз е најголемата украинска компанија за нафта и гас, а нејзината подружница Укртрансгаз управува со системот на гасоводот што го транспортира рускиот гас во Европа.

Компанијата минатата година сочинуваше речиси 17 отсто од приходите во буџетот на Украина и во моментов не е во состојба да ги исполни своите финансиски обврски бидејќи сопствениците на нејзините две меѓународни обврзници го отфрлија планот за одложување на плаќањето.

Позицијата на Витренко стана неодржлива откако владата отворено го критикуваше начинот на кој Нафтогас се справува со проблемот со долгот, што на моменти се чинеше неусогласено со барањата на Киев за замрзнување на отплатата на државниот долг.

„Нафтогаз“ вчера соопшти за голема нето загуба во првата половина од годинава, истакнувајќи ги тешкотиите со кои се соочува компанијата.

Нето загубата скокна на 57,16 милијарди гривни (1,57 милијарди долари), од 1,65 милијарди гривни во првата половина од минатата година, со најголем дел од загубите забележани во првиот квартал, се вели во извештајот.

Меѓу причините за загубата, компанијата посочи и дополнителни резервации за ненаплатливи долгови, поврзани со намалената солвентност на партнерите и повисоките откупни цени на увезениот гас во однос на продажните цени.

Загубата во првиот квартал беше поврзана и со уништувањето на имот од руското гранатирање, иако компанијата соопшти дека остварила профит од 420 милиони гривни (11,3 милиони долари) во вториот квартал.