Високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк, повика на „итно и безусловно ослободување“ на претседателот на Нигер, Мохамед Базум.
„Шокиран сум и тажен од обидот за преземање на воената власт во Нигер и го осудувам на најстрог можен начин. Мора да се направат сите напори за да се врати уставниот поредок и владеењето на правото“, рече тој во изјавата до медиумите.
„Претседателот Мохамед Базум треба да биде ослободен веднаш и без предуслови и мора да се гарантира неговата безбедност. Членовите на неговата влада и нивните блиски кои се приведени, исто така, мора да бидат ослободени веднаш и без предуслови“, додаде Турк.
Тој ги повика сите страни во конфликтот „да се воздржат од какво било насилство и да ги почитуваат правата и слободите на сите“.
„Во интерес на целиот народ на Нигер е важните демократски достигнувања постигнати во последните години да бидат заштитени и зачувани“, нагласи претставникот на ОН.
Брисел, исто така, побара итно ослободување на претседателот Базум, приведен во Нијамеј.
„Европската унија бара итно ослободување на претседателот Базум, неговото семејство и неговата придружба“, нагласи портпаролката на европската дипломатска служба, Набила Масрали.
Таа рече дека 27-те земји-членки се подготвени да учествуваат во напорите за „изнаоѓање мирно решение за тој обид за државен удар“. (МИА)