Програмата за животна средина на Обединетите нации (UNEP) во петокот објави дека ќе покрене јавна база на податоци за светските истекувања на метан, снимени од вселенските сателити, што ќе биде нова иницијатива за поттикнување на компаниите и владите да ги намалат емисиите на стакленички гасови.
Новиот систем наречен МАРС е резултат на ветувањето потпишано минатата година од 119 земји за намалување на емисиите на метан за 30 отсто оваа деценија. Научниците нагласуваат дека оваа цел е клучна за борбата против климатските промени.
-МАРС е голем чекор во помагањето на владите и земјите да ја постигнат оваа важна, краткорочна цел за климата. Намалувањето на емисиите на метан може да донесе брза и голема промена бидејќи овој гас ја напушта атмосферата многу побрзо од јаглерод диоксидот, рече Ингер Андерсен, извршниот директор на УНЕП, во изјавата на самитот за климата COP27 во Египет.
Метанот е безбоен, запалив гас без мирис, кој најмногу се појавува во депониите, во земјоделството, сточарството и при екстракција на нафта и гас. Во однос на количината, по јаглерод диоксидот, тој е втор најзастапен стакленички гас во атмосферата и е одговорен за околу една четвртина од затоплувањето на планетата.
На глобално ниво, според Обединетите нации, метанот е одговорен за околу 30 проценти од затоплувањето.
Иако метанот ја загрева планетата 80 пати посилно од јаглерод диоксидот, тој исчезнува од атмосферата за две децении, додека јаглеродниот диоксид останува стотици години, па се верува дека неговото намалување брзо ќе влијае на глобалното затоплување.
Системот МАРС ќе користи постоечка мрежа на сателити за откривање на гасот ширум светот, одредување на степенот на истекување и идентификување на компанијата и владата кои се одговорни, соопшти УНЕП. Програмската опсерваторија потоа ќе ги сподели овие информации со одговорните засегнати страни за да се поправи истекувањето.
По период од 45 до 75 дена, опсерваторијата ќе објави информации за истекувањето и одговор од компанијата или владата во базата на податоци.
Системот прво ќе се фокусира на светските капацитети за нафта и гас, еден од најголемите извори на метан, пред да се префрли на индустријата за јаглен, отпадот, сточарството и производството на ориз.
Иницијативата делумно ќе биде финансирана од САД и Европската унија, заедно со филантропските организации на основачот на Амазон Џеф Безос и Глобалниот центар за метан.