Обединети нации остануваат посветени да вложат максимални напори за продолжување на Договорот за извоз на жито преку Црното Море, што наскоро ќе истече, изјави генералната секретарка на ОН за трговија и развој, Ребека Гринспан.
Таа најави и дека е можно официјален претставник на ОН да ја посети Русија во обид да го спаси Договорот што ја гарантира безбедноста на бродовите што влегуваат и излегуваат од украинските пристаништа во водите под контрола на Русија.
Во вчерашното соопштение на руското Министерство за надворешни работи се наведува дека Москва не гледа основа за обновување на Договорот за извоз на жито преку Црното Море, што истекува на 17 јули.
Русија веќе подолго време се заканува дека ќе се повлече од Договорот бидејќи не се исполнети ветувањата дека ќе може да извезува сопствено жито и ѓубриво. Кон средината на мај Москва се согласи да го продолжи Договорот за два месеци.
Во соопштението на руското МНР се посочува дека иницијативата овозможила испорака на украинско жито до „добро нахранетите земји“, но не и помош за оние на кои им е најпотребна во Африка, Азија и Јужна Америка. Петте најсиромашни земји – Етиопија, Јемен, Авганистан, Судан и Сомалија добиле само 2,6 отсто од извезеното жито, а ситуацијата се влошува кога станува збор за руското жито и ѓубриво.
– Под овие услови, очигледно е дека нема основа за продолжување на Црноморската иницијатива, која истекува на 17 јули, се посочува во соопштението.
Русија тврди дека не гледа напредок во голем број нејзини барања, вклучително и повторно поврзување на нејзината државна Земјоделска банка со меѓународниот платен систем СВИФТ (SWIFT). (МИА)