Премиерот на Унгарија Виктор Орбан прогласи победа на денешните избори.
Во својот говор, Орбан рече дека „изгледаме прилично добро, можеби никогаш подобро“.
– Ова е голема победа. Добивме толку многу што се гледа од Месечината, а секако и од Брисел, рече Орбан.
Тој им се заблагодари на сите што помогнаа во кампањата. Тој ги поздрави и сите Унгарци кои живеат во странство и им се заблагодари за помошта во победата.
– Колку е поголема победата, толку е потребна поголема скромност, изјави Орбан.
Тој им се заблагодари на повеќе од 100.000 волонтери кои неуморно работеа во последните денови. Како што изјави, сега е време сите од Фидес да се препуштат на емоциите и дека ова треба да биде ноќ на среќа.
Орбан нагласи дека Фидес победи кога сите се обединија против нив и дека „никогаш немале толку противници во земјата и надвор од меѓународните медиуми, па дури и од претседателот на Украина“.
– Не постојат пари што ќе не спречат. Ќе поминеме низ најдебелиот ѕид за да ја заштитиме независноста и слободата на Унгарија, да ги зачуваме мирот и безбедноста, семејствата и децата, истакна Орбан.