петок, 15. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Осомничениот за нападите со нож во Канада во кои беа убиени 10 лица, почина откако беше приведен

Осомничениот за нападите со нож во Канада во кои беа убиени 10 лица, почина откако беше приведен
илустрација

Неколку часа откако беше приведен, последниот осомничен за смртоносните напади со нож во канадската провинција Саскачеван, во кои беа убиени 10 и ранети 18 лица, почина во болница.

Мајлс Сандерсон (32) почина вчера од самонанесени повреди, откако полицијата го натера да излезе од автопатот во Саскачеван со украден автомобил, изјави претставник на локалната полиција.

Други официјални лица одбија да кажат како починал, но изразија олеснување поради тоа што последниот осомничен за убиствата повеќе не е во бегство, пренесе Бета.

– Вечерва, нашата провинција колективно чувствува чувство на олеснување, рече синоќа на прес-конференција Ронда Блекмор, командант на Кралската канадска коњичка полиција во Саскачеван.

Другиот осомничен за убиствата во неделата, 30-годишниот брат на Мајлс, Демиен Сандерсон, беше пронајден мртов следниот ден, во близина на местото на нападите. Во таа населба живее староседелска заедница и двајцата биле жители на тоа место.

Блекмор рече дека Мајлс Сандерсон бил опколен набргу откако полицијата добила дојава дека маж со нож управувал со украдено возило. Таа рече дека полицијата го принудила возилото на Сандерсон да излезе од патот. Возилото паднало во канал. Тој е приведен и во тоа возило бил пронајден нож, рече таа.

Таа додаде дека на Сандерсон му се слошило кога го привела полицијата, дека се обиделе со реанимација пред да пристигне брзата помош и оти болничарите го префрлиле во болница каде што била констатирана смрт.

Таа рече дека ги испробале сите мерки за спасување што можеле да ги направат пред да пристигне брзата помош. Блекмор не ја наведе причина за смртта.

Блекмор рече дека во ситуација кога се мртви двајцата напаѓачи, на властите ќе им биде тешко да утврдат што бил мотивот за нападите.