вторник, 12. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Откриен е идентитетот на протераниот руски шпион од Црна Гора

Откриен е идентитетот на протераниот руски шпион од Црна Гора

Вработениот во руската амбасада во Подгорица, кој црногорската влада го прогласи за непожелна личност и нареди да ја напушти земјата, е Виктор Антипин, пишува денеска подгоричкиот весник „Побједа“.

Црногорското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека прогласило дипломат на руската амбасада акредитиран во Црна Гора за персона нон грата, без да го спомене неговото име, со образложение дека тоа е направено врз основа на проценката на релевантните безбедносни тела во Црна Гора со Виенската Конвенција за дипломатски односи.

„Побједа“ пишува, повикувајќи се на извори од црногорското МНР, дека станува збор за Виктор Антипин, за кој весникот тврди дека не е дипломат, туку разузнавач – вработен во Руската служба за надворешно разузнавање (СВР).

Со дипломатска нота што му ја врачил црногорскиот министер за надворешни работи на рускиот амбасадор во Подгорица, на дипломатот му е наложено да ја напушти Црна Гора во рок од 72 часа. Руската амбасада не одговорила на дипломатската нота од црногорското МНР.

Црногорските медиуми претходно објавија дека Антипин пред две недели тајно се сретнал со претседателот на црногорскиот парламент Страхиња Булајиќ, член на просрпскиот и прорускиот Демократски фронт (ДФ), во кафуле во Даниловград, на околу 10 километри од Подгорица.

Оваа информација ја потврди и самиот Булајиќ, а како одговор на медиумските наводи рече дека како претседател на парламентот имал средби со дипломати на служба во Подгорица, меѓу кои и со Руси.

Страхиња Булајиќ, висок функционер на просрпската и проруската ДФ, го презеде раководството на црногорскиот парламент откако претходниот претседател на црногорскиот парламент Алекса Бечиќ беше сменет на почетокот на февруари.

Со преземањето на претседателската функција, Булајиќ доби овластување да закажува седници на црногорскиот парламент, па тој е тој што треба да закаже седница на која би се избирала новата црногорска влада.

Сепак, Булајиќ рече дека нема намера наскоро да ја закаже седницата, туку планира да ги искористи законските процедури и да ја продолжи седницата до почетокот на летото. Така, владата на Здравко Кривокапиќ, која беше сменета на почетокот на февруари, ќе остане со техничкиот мандат уште неколку месеци.

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ неодамна му го додели мандатот за формирање нова влада на Дритан Абазовиќ од Обединетата реформска акција, кој за време на консултациите рече дека има мнозинство од 41 пратеник за избор на нова влада.

Абазовиќ претходно најави формирање малцинска влада во која ќе бидат вклучени и малцинските партии, но нејзината потврда нема да биде можна до летото, доколку Булајиќ продолжи да одбива да закаже собраниската седница.

Владата на Здравко Кривокапиќ, прва без ДПС на Ѓукановиќ во поновата историја на земјата, беше формирана на крајот на декември 2020 година и е составена од експерти. На нејзиниот состав големо влијание имала СПЦ, па првиот чекор на новата влада бил да го приспособи законот за слобода на вероисповед на барањата на СПЦ.

Во октомври 2016 година, како што беше утврдено во судски процес, Русија со помош на лидерите на просрпскиот и прорускиот Демократски фронт, се обиде да изврши државен удар во Црна Гора и ликвидација на тогашниот премиер Мило Ѓукановиќ.

Двајцата руски разузнавачи и водачите на ДФ Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ беа осудени на затворски казни за обид за државен удар по едногодишно судење.

По промената на власта во Црна Гора во 2020 година, а откако Ѓукановиќ по три децении беше поразен на избори, таа пресуда е укината и вратена за нова одлука, а сите обвинети се ослободени од притвор.