Тајландската Влада забрани споделување на вести кои „предизвикуваат страв кај јавноста“, дури и да се вистинити, јави Гардијан додавајќи дека Владата се соочува со зголемени критики за начинот на кој се справува со пандемијата.
Владата на Тајланд ги заостри мерките според вонредниот указ издаден пред повеќе од една година, кој првично беше насочен кон лажни вести. Според последните ограничувања, на луѓето им е забрането да шират „информации што предизвикуваат страв кај јавноста“ или да споделуваат „искривени информации што предизвикуваат недоразбирања кои влијаат на националната стабилност“.
Мерките беа осудени од медиумските групи и експерти за човекови права како обид да се запрат негативните вести и да се замолчи дебатата. Сунај Фасук, висок тајландски истражувач во азиската филијала на Хјуман рајтс воч, го опиша како „сериозен удар“ врз слободата на печатот во земјата.
– Мислам дека Владата е свесна оти сега се соочува со криза на доверба поради катастрофалниот одговор на ситуацијата со Ковид-19, но наместо да се обидува да најде подобри и поефективни решенија, таа избира да ги спречи сите да зборуваат за нејзините неуспеси, рече Сунаj.