„Бог нѐ сака такви какви што сме“, рече папата Франциск, обраќајќи се на трансродово лице, објавија ватиканските медиуми.
Неговите зборови беа кажани во подкаст во кој тој слушаше и одговараше на аудио пораки пред католичкиот младински фестивал во Португалија следната недела.
Една од пораките дојде од Гиона, Италијанка, дваесетина години, која рече дека е растргната од „дихотомијата меѓу нејзината католичка вера и нејзиниот трансродов идентитет“.
Папата одговори дека Господ е секогаш со нас, „дури и кога сме грешници, тој ни се приближува за да ни помогне“.
„Господ нѐ сака такви какви што сме. Тоа е луда Божја љубов“, рекол папата Франциск.
Католичката црква посочува дека членовите на ЛГБТ заедницата треба да се третираат со почит, сочувство и чувствителност и дека треба да се почитуваат нивните човекови права.
Односот на црквата кон ЛГБТ заедницата, жените и католиците кои се развеле и повторно се венчале во црква ќе биде тема на светската средба на бискупите што треба да се одржи во октомври годинава и во 2024 година. (МИА)