Папата Франциск денеска одбележува 10 години на чело на Римокатоличката црква со миса со кардинали во капелата Санта Марта во Ватикан.
Роден во Аргентина, Франциск, кој има 86 години, стана првиот латиноамерикански понтиф на 13 март 2013 година, наследувајќи го Бенедикт Шеснаесетти, првиот папа во шест века што се повлече од светата столица.
– Се чини како да беше вчера. Времето лета, рече Светиот Отец во подкаст објавен денеска на веб-страницата „Ватикан њуз“.
Поранешниот кардинал Хорхе Марио Берголио се обидува да остане скромен и покрај свечената улога што ја извршува и никогаш не се населил во папските станови во Апостолската палата што ги користеле неговите претходници. Тој изјави дека претпочита да живее меѓу луѓето заради своето „ментално здравје“.
Папата ги покани сите кардинали кои се во Рим да присуствуваат на денешната миса.
Постојаното заболување на коленото го принуди Франциск повремено да се движи со бастун и инвалидска количка, но се чини дека е во добра здравствена состојба, коментираат светските агенции.
– Со црквата не владее коленото, туку главата, му рекол тој на својот помошник откако минатиот мај првпат почнал повремено да користи инвалидска количка во јавност.
Франциск јасно стави до знаење дека би бил подготвен да се повлече доколку сериозни здравствени проблеми го спречат да управува со 1,38 милијарди членови на Римокатоличката црква. Но, тој исто така рече дека мисли оти папите треба да се обидуваат да владеат доживотно и дека таканаречениот почесен папа, како што е покојниот Бенедикт Шеснаесетти, „не треба да стане мода“. Бенедикт поднесе оставка поради здравствени причини, живеејќи уште речиси 10 години.
Со 10 години како понтиф, Франциск веќе е на тронот на Свети Петар подолго од просекот. Претходните 265 папи биле на чело на Римокатоличката црква во просек 7,5 години. Тој посети 60 земји и територии, патувајќи речиси 410.000 километри.
Се верува дека најдолгиот понтификат е на апостол Свети Петар, првиот папа, за кој се верува дека траел околу 35 години.
Најдолгото папство во последните векови било она на Пие IX – 32 години, помеѓу 1846 и 1878 година. Потоа е понтификатот на Јопван Павле втори – повеќе од 26 години меѓу 1978 и 2005 година.
Се верува дека најкраткото папство е на Урбан VII, кое траело 13 дена во 1590 година.