Швајцарската популистичка десница, антиимиграциска и анти-ЕУ, води според анкетите пред денешните парламентарни избори, во услови на европската мигрантска криза и растечките стравови поврзани со ризиците од напади во Европа.
Избирачките места се отворени само два или три часа во текот на претпладнето, бидејќи огромното мнозинство Швајцарци гласаат по пошта.
Првата проекција на резултатите се очекува во 16.00 часот по локално време.
Швајцарија, со население од околу 8,8 милиони, ги избира своите 200 членови на Националниот совет (долниот дом на Парламентот) со пропорционален модел, а нејзините 46 сенатори на Советот на државите (Горниот дом) со мнозинство гласови.
Во долниот дом, десничарската партија УДЦ (Демократски унија на центарот) треба, според анкетите, да ја зацврсти својата позиција како водечка политичка сила на штета на либералните-радикали (ЛДР), додека Зелените се очекува да го отстапат теренот на социјалистите (ПС).
Не се очекува Зелените да го повторат успехот од изборите во 2019 година.
Климата е една од главните грижи на Швајцарците, но пандемијата Ковид-19 го запре „зелениот бран“, кој го отвори и прашањето за куповната моќ на граѓаните, под влијание на инфлацијата и особено поради зголемувањето на придонесите за здравствено осигурување. (МИА)