Во судирот на два брода во Будимпешта, во водите на Дунав исчезнаа и дедо и баба, нивните две ќерки и шестгодишната внука.
Тие се сметаат за исчезнати, а медиумите во Јужна Кореја веќе ги прогласија за загинати.
Една од ќерките е 38- годишна козметичарка, која со ова патување сакала да им се заблагодари на родителите што понекогаш и ја чувале малечката ќерка.
На оваа турнеја требало да дојде и сопругот, но тој имал службени обврски.
Според туристичката агенција која го организирала патувањето, најголемиот дел од туристите на бродот „Сирена“ кој потона во Дунав се семејства. Меѓу патниците имало и тројца пензионирани работници од Министерството за внатрешни работи на Јужна Кореја, од кои само еден бил спасен.
На бродот „Сирена“ кој се судри со големиот крузер во водите на реката Дунав, имало 33 патници и двајца членови на екипажот.
Како што потврдија унгарските власти, никој од патниците не носел појас за спасување во моментот на несреќата.