По 18-месечна истрага, парламентарната анкетна комисија за упадот на Капитол денеска ќе ги објави своите заклучоци и се очекува да гласа дали да препорача Доналд Трамп и некои од неговите соработници да бидат кривично гонети.
Нејзините членови, седум демократи и двајца републиканци, ќе одржат јавен состанок во 13 часот по локално време за да ги претстават своите наоди за настаните од 6 јануари 2021 година, собрани во осум поглавја.
На тој ден, приврзаници на поранешниот претседател Трамп, тврдејќи заедно со него дека Џо Бајден ги „украл“ претседателските избори во 2020 година, ја нападнаа зградата на Конгресот.
Комисијата денеска треба да одлучи дали ќе препорача Министерството за правда да го обвини Трамп за поттикнување бунт, попречување официјална процедура (за потврдување на изборниот резултат во 2020 година) и заговор против американската држава.
Овие три обвиненија може да доведат до казни кои вклучуваат затвор и забрана за вршење јавна функција во САД, а поранешниот претседател веќе рече дека ќе се кандидира за функцијата во 2024 година.
Конечниот извештај на комисијата ќе биде објавен на 21 декември.