И владејачката партија и коалицијата на повеќето опозициски партии во Грузија прогласија победа на парламентарните избори, а излезните анкети покажуваат контрадикторни резултати.
Лидерот на владејачката партија Грузиски сон, милијардерот Биџина Иванишвили (64), изјави на телевизија дека неговата партија „победи на изборите третпат по ред“.
Меѓутоа, и неговиот главен ривал, поранешниот претседател Михаил Саакашвили (52), кој живее во странство, исто така во телевизиско обраќање рече дека „опозициските партии извојуваа триумфална победа“.
Според анкетата спроведена од мрежата на ТВ Имеди, склона кон владата, партијата Грузиски сон доби 55 отсто од гласовите, а според ТВ Мтавари, која ги поддржува противниците – опозицијата освои 52 проценти, пренесува порталот Индекс.
– Опозициските партии сега треба да формираат влада на национално единство, рече Саакашвили, обраќајќи се од Украина, каде што работи за претседателот Володимир Зеленски и каде има значителна политичка кариера во последните години
Саакашвили вчера рече дека нема амбиции за „место во (грузиската) влада“, истовремено споменувајќи ја можноста за негово враќање во земјата доколку победи опозицијата.