Во германскиот град Минхен денеска почнува тридневната Минхенска безбедносна конференција на која е најаавено учество на околу 40 шефови на држави или влади, речиси 100 министри и поголем број експерти од сферата на безбедноста и одбраната.
Предвидено е на собирот да говорот околу 100 високи претставници од целиот свет, кои ќе се осврнат на актуелните кризи и безбедносните и политичките предизвици во глобални рамки.
На Конференцијата ќе учествува бројна германска делегација, предводена од канцеларката Ангела Меркел, во чии состав ќе бидат министрите за надворешни работи Хајко Мас, за одбрана Урсула фон дер Лајен, за економија Петер Алтмаер и за финансии Олаф Шолц, како и 45 пратеници во Бундестагот.
Најбројна делегација на собирот ќе имаат САД и во неа ќе бидат вклучени потпретседателот Мајк Пенс, претседателот на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси и голем број сенатаори и конгресмени.
Меѓу учесниците на форумот се и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и првите луѓе на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, Кристин Лагард и Кристалина Георгиева.
Македонската делегација на собирот ќе ја предводи премиерот Зоран Заев, кому утре, заедно со шефот на грчката Влада, Алиексис Ципрас, ќе им биде врачена наградата „Евалд фон Клајст“ за склучувањето на Договорот од Преспа.
На дневниот ред на Конференцијата главни теми ќе бидат последиците од новата ера на натпревар меѓу големите сили, контролата на вооружувањето и соработката во одбранбената политика.
Во извештајот на Минхенската безбедносна конференција, објавен во пререт на одржувањето на собирот, насловен „Големата сложувалка: кој ќе посегне по парчињата“, се наведува дека светот се соочува не само со низа кризи, туку и со системска трансформација на меѓународните односи, па затоа голема непознаница е каков ќе биде новиот светски поредок.
Според авторите на извештајот, станува очигледно дека настапува нова ера на натпревар помеѓу „големите сили“ САД, Кина и Русија и либералните демократии, како Франција, Германија, Велика Британија, Канада и Јапонија.
Тие сметаат дека ЕУ се уште не е подготвена за оваа конкуретна борба со „авторитарните Кина и Русија“. Според нив, конфронтацијата помеѓу овие две земји и САД стана основа на американската надворешна политика и доаѓа на местото на војната со тероризмот, доктрина што ја формираше американската стратегија во текот на речиси две децении.
Овие заклучоци се потврдуваат и со резултатите од анкетата на американскиот центар за истражувања „Пју Рисрч“, според кои, се поголем број луѓе во светот се загрижени од растот на влијанието и моќта на најголемите држави.
Во извештајот се разгледуваат и безбедносните предизвици во Западен Балкан, Источна Европа, Блискиот Исток, како и во регионот на Сахел во Африка.
Во делот за Западен Балкан се вели дека евроатлантската интеграција на регионот нема да се случи набргу и оти таа порака била пренесена на и самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржа лани во Софија. Сепак, „лидерите на ЕУ ја признаваат стратешката важност на ова парче од европската сложувалка кое недостига“, се наведува во тексот и се додава дека негативните случувања на Западен Балкан биле засилени од влијанието на актерите како Кина и Русија.
ЕУ неодамна се разбуди и стана свесна за ризиците, па затоа на почетокот на 2018 година Европската комисија усвои нова стратегија за поголем ангажман во регионот како геостратешка инвестиција. НАТО и ЕУ сега активно настапуваат против руската пропаганда, а Унијата иницираше серија инвестициски програми за да се спротивстави на кинеските, се вели во документот и се додаве дека во 2019 година ќе се дознае дали западнобалканскиот регион се уште верува во европската иднина.
Првиот човек на Минхенската безбедносна конференција, Волфганг Ишингер минатата недела оцени дека глобалниот поредок, онаков каков што го познанавме досега, се распаѓа.
– Идејата за меѓународен поредок, базиран на заеднички правила и организирана глобална структура, едвај може да се одржи, изјави Ишингер, додавајќи дека во иднина ќе бидеме сведоци на
уште поголемо ривалството меѓу суперсилите.
Како што јави ДПА, Ишингер како еден од аргументите за ваквиот свој став го посочи пропаѓањето на Договорот за забрана на ракетите со среден и краток дострел (ИНФ), склучен меѓу Вашингтон и Москва.
– Пропаѓањето на договорот е трагедија за европскиот безбедносен поредок и сериозна опасност, оцени Ишингер, додавајќи дека тоа може да повлече пропаѓање и на други договори за разоружување склучени меѓу САД и Русија. (МИА)