Шефот на сицилијанската мафијашка Матео Месина Денаро, кој некогаш тврдеше дека убил доволно луѓе за да наполни гробишта, денеска беше погребан во неговиот роден град Кастелветрано на Сицилија, а на погребот беа неколку членови на семејството на кои им беше дозволено да присуствуваат.
Месина Денаро беше уапсен во јануари оваа година по три децении бегство од полицијата, а почина на 25 септември од тешка болест во болница во централна Италија, носејќи ги со себе во гроб сите големи тајни од своето мафијашко минато.
Неговиот ковчег, придружуван од полиција, во текот на ноќта беше превезен преку половина Италија, а погребното возило пристигна во југозападниот сицилијански град Кастелветрано рано изутрината и влезе на гробиштата по спореден пат, заобиколувајќи ги станбените области за да избегне изливи на наклонетост или бес од локалните граѓани.
Седум луѓе одеа зад погребната кола, а едно лице носеше огромен букет жолти цветови. На гробиштата влегле и три автомобили со блиски роднини, по што полицијата го затворила влезот за да ги спречи новинарите да влезат.
Погребот се одржа без богослужба. Денаро беше осомничен за бројни убиства и други кривични дела.
Нему му беше судено во отсуство во 2002 година и беше осуден на доживотен затвор за многу кривични дела, вклучително и за вмешаност во убиството во 1992 година на најпознатите обвинители кои ги гонеа мафијашите – Џовани Фалконе и Паоло Борселино.