Пет убиства од изминатите неколку месеци се чини оти се дело на едно лице, соопшти полициската управа на Стоктон, град во американската сојузна држава Калифорнија, јавија дел од светските медиуми.
Првото убиство е извршено на 8 јули, сите жртви се од машки пол и биле сами кога ги убивале ноќе или во раните утрински часови.
Ниту еден од убиените не е ограбен, ниту пак е поврзан со дрога или со банда.
Полицијата тврди дека има и физички докази што ги поврзуваат петте места на злосторствата.
Оттаму јавно не идентификуваа ниту една жртва, но, се огласи член од семејството на петтата, Лоренцо Лопез.
– Тој беше само личност која се нашла таму на погрешно место во погрешно време во погрешни околности, за „КХТВ“ изјави неговиот брат Џери Лопез.
Грета Богоу за „Еј-би-си њуз“ потврди дека нејзиниот син Пол Александер Џеј, кој имал 35 години, е убиен на 8 јули.
– Беше добро момче кое порасна во добар човек со големо срце. Секогаш ќе живее во нашите срца. Секогаш беше тука за вас, доколку ви е потребен. Сè уште не ми се верува дека нема да се врати. Се надевам оти ова ќе помогне да се фати убиецот, раскажа Богоу.
Градот Стоктон, како што соопшти, нуди награда од 85.000 долари за информација што би довела до апсење на убиецот.
По убиството на Лопез, полицијата на Стоктон на прес-конференција посочи дека не е сигурна оти убиствата се поврзани.
– Сè уште гледаме од случајна гледна точка, но, забележуваме некои сличности. Немаме апсолутно ниту еден доказ што би нè навел да веруваме дека едно лице дивее во градот Стоктон убивајќи луѓе, појасни шефот на полицијата Стенли Макфеден.
Меѓутоа, тоа се промени два дена подоцна, кога петте убиства беа поврзани и беше објавена фотографија од лицето кое се сомничи за злосторствата. (МИА)