Властите во Киев објавија дека воведуваат целодневен полициски час.
-Полицискиот час во Киев ќе започне во сабота во 17:00 часот и ќе заврши во 8 часот во понеделник, соопштија градските власти.
Во соопштението се вели дека „сите цивили кои се на улица во периодот на полицискиот час ќе се сметаат за членови на диверзантските групи на непријателот“.
Претходно украинскиот претседател Володимир Зеленски ја повика земјата да „застане цврсто“ против опсадата што може да ја одреди нејзината иднина. Тој ја одби американска помош за евакуација, велејќи: „Борбата е тука“.
Официјален претставник на американското Министерство за одбрана рече дека нивните експерти забележале повеќе од 250 лансирања на проектили од Русија против Украина, главно од типот со краток дострел.
Во меѓувреме, британското Министерство за одбрана соопшти дека напредувањето на Русија е забавено, веројатно поради логистичките проблеми и „силниот украински отпор“.
„Руските сили ги заобиколуваат големите украински центри на население, додека ги оставаат силите да ги опколат и изолираат“, се вели во соопштението.
Официјални лица од одбраната на САД, исто така, рекоа дека веруваат дека руската офанзива наишла на значителен отпор и се одвива побавно отколку што замислила Москва, иако тие рекоа дека тоа може брзо да се промени. Руската инвазија врз Украина започна на 24 февруари.