Абдул Гани Барадар, ко-основач и политички лидер на Талибанците, синоќа пристигна во Авганистан, првпат по повеќе од две децении.
Портпаролот на Движењето Забихула Муџахид ја одржа првата прес -конференција откако Талибанците го зазедоа Кабул, и соопшти дека Барадар, шефот на политичката канцеларија на Талибанците и еден од главните преговарачи во неуспешните мировни преговори, се вратил во земјата, поточно во Кандахар.
Според голем дел од аналитичарите се очекува токму тој да биде идниот претседател на Авганистан, со оглед на огромната популарност што ја ужива, но и како еден од најблиските соработници и на предводникот на муџахедините мула Омар, кој почина во 2013 година.
Барадар се врати во Авганистан од Катар, каде што со месеци ги водеше преговорите со САД, а потоа и мировните преговори за Авганистан.
Фотографиите објавени од проталибанските медиуми покажуваат група луѓе собрани околу Барадар како слават со извици и кренати тупаници.
Барадар беше уапсен во 2010 година и ослободен од пакистанскиот затвор пред помалку од три години на барање на САД.
Барадар роден е во провинцијата Урузган во 1968 година и израснал во Кандахар. Тој им се придружи на борбата на муџахедините против Советите во 1980 -тите и оттогаш напредуваше во Талибанците. „Гардијан“ пренесува дека неговиот прекар, поради бруталноста што ја користел, бил „касап“. (МИА)