Илјадници Грузијци незадоволни од начинот на одржување на неодамнешните парламентарни избори денеска излегоа на улиците во главниот град Тбилиси, додека американскиот државен секретар Мајк Помпео имаше состаноци со политичари и црковниот лидер.
Грузија, која Вашингтон традиционално ја поддржува, вклучително и со воена помош, е најновата станица на Мајк Помпео на неговата турнеја во повеќе земји. Неговата следна станица е Израел. Помпео денеска се состана со претседателот Саломе Зурабишвили, премиерот Фиорги Гашариа и патријархот на грузиската православна црква Илија Втори, како и со претставници на граѓанското општество.
Помпео му рече на грузискиот премиер дека ги сфаќа „болката и тешкотиите поврзани со руската окупација на земјата“, што се однесува на распоредувањето на војската на Русија во двата отцепени грузиски региони по војната во 2008 година. Помпео рече дека САД сакаат да продолжат да ја поддржуваат Грузија во градењето институции што ќе овозможат „слободни и фер избори и сите оние работи што доаѓаат со силна дебата и демократија“.
Опозицијата ја поздрави посетата на Помпео.
– На Грузија и треба континуирано и активно американско учество за поддршка на нејзината безбедност и демократија и на тој начин да се спротивстави на агресијата на Путин во оваа погранична држава, рече Гига Бокерија, лидерка на опозицијата.
Во исто време, илјадници луѓе формираа жив синџир во центарот на градот, носејќи големо национално знаме и транспаренти на кои пишуваше: „САД – благодарам што ја поддржавте нашата слобода“ и „изборите беа украдени од руски олигарси“ – сугерирајќи на Биџин Иванишвили, лидерот на владејачката партија, кој се збогати во Русија во 90-тите години на минатиот век.
Според официјалните резултати од парламентарните избори одржани на 31 октомври, владејачката грузиска партија Грузиски сон освои 48,23 проценти од гласовите, додека најголемата опозициска партија, Обединето национално движење (УНМ), освои 27,18 проценти од гласовите. Опозицијата ги обвинува Грузиски сон и нивните приврзаници за купување гласови, закани кон гласачите и набљудувачите, и неправилности при пребројувањето на гласовите. Осум опозициски партии, вклучително и УНМ, изјавија дека ќе го бојкотираат Парламентот и ќе бараат повторно одржување на изборите.
Лидерите на Грузискиот сон ги негираа обвинувањата на опозицијата, додека меѓународните набљудувачи велат дека изборите беа компетитивни и оти основните слободи генерално биле почитувани.