Полицијата во Северна Ирска денеска блокираше улица во еден станбен кварт во градот Лондондери, поради пронајдена „сомнителна направа“.
Полицијата го блокираше реонот по добиена пријава дека тројца маскирани мажи украле едно комбе, по што во него уфрлиле „сомнителна нправа“ и го оставиле возилото на улицата во квартот во Лондондери.
Околу блокираниот реон, според очевидици, забележливо е зголемено присуство на припадници на безбедносните сили.
Денешната акција следи откако во саботата пред судот во Лондондери експлодираше автомобил-бомба, при што немаше жртви. И во овој случај, возилото кое беше искористено како автомобил-бомба, претходно беше украдено од маскирани мажи.
Во врска со саботната експлозија североирската полиција уапси четири лица, а во тек е истрага за да се утврди дали зад нападот стои организацијата Нова ИРА.
Нова ИРА е една од неколкуте одметнати фракции од распуштената Ирска републиканска армија (ИРА), кои не се согласуваат со мировниот Договор од Велики петок од 1998 година, со кој се стави крај на тридецениското насилство во Северна Ирска.
Групата Нова ИРА изминативе години повремено извршуваше бомбашки напади или акции против безбедносните сили во Северна Ирска.