Европската комисија објави упатства за безбедно користење на пречистените урбани отпадни води за наводнување на земјоделско земјиште, поради екстремните суши со кои се соочува голем дел од Европа ова лето.
„Со неколку земји-членки сè повеќе погодени од суши, повторната употреба на водата од пречистителни станици за урбани отпадни води може да стане клучна алатка за обезбедување дополнителен безбеден и предвидлив извор на вода, истовремено зголемувајќи ја способноста на ЕУ да се прилагоди на климатските промени“, соопшти Европската комисија.
Европскиот комесар за животна средина, океани и рибарство Вирџинијус Синкевичиус рече дека ресурсите на свежата вода се оскудни и се повеќе загрозени и дека насоките на Комисијата можат да придонесат за безбедна циркулација на прехранбени производи кои се одгледуваат со искористена вода низ ЕУ.
„Во време на невидено високи температури, мора да престанеме да трошиме вода и да го користиме овој ресурс поефикасно со цел да се прилагодиме на климатските промени и да обезбедиме сигурност и одржливост на нашето земјоделско снабдување“, рече Синкевичиус.
Екстремните суши предизвикани од климатските промени ги зголемуваат стравувањата дека ќе ги загрозат приносите на земјоделските култури, ќе ги попречат условите за производство и ќе ги зголемат цените на храната.
Рекордни суши беа забележани во Франција и делови од Англија во јули. (МИА)