Судот што е под контрола на воената хунта во Мјанмар во процес одржан зад затворени врати и изрече петгодишна затворска казна на поранешната цивилна лидерка Аунг Сан Су Чи, соопштија денеска извори упатени во судскиот процес.
Станува збор за прва пресуда по серијата единаесет обвиненија покренати против поранешната лидерка на Мјанмар обвинета за коруптивни активности, осомничени дела за кои по секое одвоено законот предвидува казни до 15 години затвор.
Су Чи (76) е осудена за наводно земање мито од 600 илјади долари во готовина и златни прачки од поранешниот началник на градот Јангон. Су Чи ги отфрли обвинувањата нарекувајќи ги „апсурдни“.
Добитничката на Нобеловата награда за мир која пет години го водеше Мјанмар пред да биде соборена од власта со пуч изведен на почетокот на минатата година, е обвинета дека е сторител на најмалку 18 кривични дела за кои би можела кумулативно да добие и речиси 190 години затвор.
Засега не е познато дали таа ќе ја отслужи казната во затвор или ќе и биде дозволено да остане во домашен притвор.
Су Чи беше уапсена на 1 февруари минатата година, часови пред да биде изведен воениот удар со кој беше соборена демократски избраната цивилна власт во земјата враќајќи ја воената управа во Мјанмар.
Таа од апсењето се наоѓа на непозната локација каде што, како што изјави претходно шефот на воената хунта Мин Аунг Хлаинг, би можела да остане и натаму. Су Чи во декември и јануари за полесни прекршоци беше осудена на вкупно шест години затвор.
Мјанмар по воениот удар е жариште на политички превирања, а војската се обидува да ги спречи мирните улични протести и движењата на граѓанска непослушност, како и да се справи со оружениот отпор на милициите против хунтата низ целата земја.
Според податоците на Организацијата за човекови права од воениот удар досега во земјата се документирани убиства и кршења на човековите права, со најмалку 1.700 убиени и повеќе од 13 илјади уапсени. (МИА)