Поранешниот шпански крал Хуан Карлос, кој е во егзил од август во Обединетите Арапски Емирати, додека неколку судски истраги се водат против него, подмирил долг од речиси 680.000 евра кон шпанските даночни власти, објави синоќа неговиот адвокат.
„Кралот Хуан Карлос им предаде на фискалните власти потврда од подмирениот даночен долг во износ од 678.393,72 евра со камата“, се вели во изјавата на неговиот адвокат.
Тој додава дека неговиот клиент останува на располагање на јавниот обвинител за каква било постапка. Во неделата, весникот Ел Паис откри дека даночната пријава на поранешниот монарх е поврзана со антикорупциска истрага за употребата на кредитни картички на Хуан Карлос.
Хуан Карлос наводно користел кредитни картички поврзани со банкарски сметки кои не биле на негово име и се испитува можно перење пари. Тие сметки во банка се на имиња на мексикански бизнисмен и офицер на шпанското воено воздухопловство.
Ако се докаже дека поранешниот крал користел пари на кои не плаќал данок, против него би можело да се поведе судска постапка за перење пари.