Португалија поради поскапувањето на недвижностите и критиките од Европска Унија, одлучи да престане да дава престој и државјанство на жителите на Кина, Русија и други земји во замена за финансиски инвестиции.
Со тоа заврши десетгодишната програма позната како „Златни визи“, преку која 31.000 странци влегоа во европската зона на движење без граници, објави денеска шпанскиот весник „Ел Паис“.
Во 2012 година, во време кога земјата беше во тешка економска ситуација, португалската Влада се обиде да привлече инвестиции од богатите. Во замена за инвестиција од 500.000 евра им се издаваше дозвола за престој во Португалија, каде што купуваа куќи. По пет години тие можеа да добијат португалско државјанство, а нивниот идентитет не се објавуваше јавно.
Околу 12.000 инвеститори, од кои 45 отсто се Кинези, а 10 проценти Бразилци, на тој начин себе си и на своите семејства си купија билет за ЕУ. Кога ќе се вклучат семејствата на инвеститорите, се проценува дека вкупниот број на корисници на програмата би можел да изнесува околу 31.000 луѓе.
Во 2013 година, министерот за надворешни работи Пауло Портас отпатува во Москва за да привлече локални бизнисмени, а најмалку 313 од нив се преселиле во Португалија. Еден од најпознатите руски граѓани на Португалија е милијардерот Роман Абрамович.