Русија никогаш нема да дозволи Иран да добие атомска бомба, изјави постојаниот претставник на Русија во ООН во Виена, Михаил Уљанов.
– Ова се однесува на која било земја што не поседува нуклеарно оружје. Постојат пет легитимни нуклеарни сили во светот и четири држави кои поседуваат атомска бомба. Во никој случај не треба да има повеќе. Тоа е важна цел на нашата политика, рече Уљанов во интервју за „Шпигел“.
Тој смета дека успешното завршување на преговорите во Виена за иранскиот нуклеарен договор е можно дури и без личен контакт меѓу Иранците и Американците.
– По обновувањето на Заедничкиот сеопфатен план за акција, и штом САД повторно станат земја учесник, страните автоматски ќе започнат да разговараат директно едни со други, бидејќи ќе се среќаваат на редовните состаноци на земјите потписнички – рече Уљанов.
Дипломатот посочи дека би било пожелно преговорите за иранскиот нуклеарен договор да завршат до 21 мај, бидејќи прелиминарниот договор меѓу Техеран и Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) истекува на 22 мај, што обезбедува прифатливо ниво на проверка на МААЕ во Иран.
– Освен тоа, во јуни во Иран ќе биде избран нов претседател. Кандидатите ќе бидат утврдени во мај и ќе започне изборната кампања, прецизира тој.