Потпретседателката на Европскиот парламент и европратеничка од грчката ПАСОК- Движење на промена Ева Каили веројатно е вмешана во скандалот со корупција и е под истрага на белгиските власти, а со одлуката на претседателот беше исклучена од партијата, јави дописничката на МИА од Атина.
-По последните случувања и истрагата на белгиските власти за корупција на европски функционери, европратеничката Ева Каили со одлука на претседателот на ПАСОК- Движење на промена Никос Андрулакис е исклучена од партијата, соопштија од ПАСОК- Движење на промена.
Во дел од европските медиуми, вечерва се појави информација дека Каили е уапсена, меѓутоа не постои официјална потврда, додека пак грчката новинска агенција АНА-МПА, повикувајќи се на свои информации објави дека е под истрага на белгиската федерална полиција „за вмешаност во случајот со корупцискиот скандал во Европскиот парламент од арапска земја, поконкретно од Катар“.
Според истите информации, од Каили биле побарани објаснувања, а според медиумите во Белгија најверојатно е приведен нејзиниот сопруг Франческо Џорџи.
Како што претходно објави МИА, четири лица, меѓу кои и поранешен пратеник во Европскиот парламент, се уапсени во Брисел како дел од истрага за корупција поврзана со земја од Персискиот Залив, соопшти белгиското федерално обвинителство.
Државното правобранителство не ја именуваше државата, но според белгискиот дневен весник „Ле Соар“ станува збор за државата Катар чии функционери наводно се обиделе да купат поранешен претставник на италијанските социјалисти, кој бил во ЕП од 2004 до 2019 година.
Истрагата опфатила дејствија „корупција“ и „перење пари“ на организирана банда, соопшти истрагата. Неколку месеци, белгиските истражни судии „се сомневаа дека една држава од Персискиот Залив влијаела врз економските и политичките одлуки на Европскиот парламент, со плаќање суми на пари или нудење големи подароци на трети лица кои, поради нивната политичка и/или стратешка положба, имаат големо значење“ во таа институција.
Сојузното државно правобранителство, кое е задолжено за истраги за тероризам и организиран криминал, не го откри идентитетот на приведените лица. Утринава во рамките на истрагата што ја нареди судија од Брисел, извршени се 16 рации во различни општини на главниот град на Белгија, каде се наоѓа и седиштето на ЕП.
Покрај четворицата уапсени, во рамките на истрагата полицијата запленила „околу 600.000 евра во кеш“ и „компјутерски материјал и мобилни телефони“ чија содржина ќе се анализира. Цел на операцијата биле помошниците на европратениците кои работат во ЕП. Меѓу уапсените е и поранешен европратеник, соопшти државното правобранителство. (МИА)