Началникот на Генералштабот на индиската армија, генерал Бипин Рават и неговата сопруга се меѓу 13-те загинати во денешната хеликоптерска несреќа во јужна Индија, соопштија индиските воздухопловни сили.
– Со длабоко жалење, сега е сигурно дека генералот Бипин Рават, госпоѓа Мадулика Рават и уште 11 лица во авионот загинаа во таа трагична несреќа, се вели во пораката на Твитер на индиските воздухопловни сили.
Хеликоптерот во кој се наоѓаше началникот на Генералштабот на индиската армија, генерал Бипин Рават, се урна денеска во јужната индиска држава Тамил Наду, во близина на градот Кунур.
Како што е соопштено, преживеало едно лице, офицер на воздухопловните сили, капетанот Варун Синг, кој се наоѓа на лекување во воена болница.
Државната телевизија јави дека хеликоптерот Ми-17в5 бил на пат од воздухопловната база кон колеџот за припадниците на армијата кога се урнал кај Кунур, во државата Тамил Наду.
Засега не е позната причината за несреќата и во тек е увид.
Бипин Рават (63) важи за близок соработник на индискиот премиер Нарендра Моди. Тој е првиот началник на Генералштабот на индиската армија, бидејќи таа функција владата ја формира во 2019 година.