Повеќе интернет страници поврзани со сајтот на иранскиот претседател беа мета на хакерски напад. На едни сајтови се појавија фотографии на двајца опозициски лидери кои се во егзил, а на други се појавија фотографии на кои се изгребани лицата на врховниот лидер на Иран и на претседателот.
Одговорност за нападот презеде групата хакери, чие име на фарси јазикот значи „Станете, за да ги собориме од власт“. Лидер на опозициската група Муџахедин-е Халк, е Масуд Раџави и неговата сопруга Марјам, кои живеат во егзил.
На еден од сајтовите е објавено „Смрт за Хамнеи Раиси – Да живее Раџави“. Иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи и иранскиот претседател Ебрахим Раиси и претходно беа цел на слични хакерски напади.
Иран е цел на серија хакерски напади во услови на зголемени тензии околу неговата брзорастечка нуклеарна програма. Претходно беа нападнати иранската државна телевизија, субвенционираните бензински пумпи и владините надзорни камери, вклучително и во познат затвор.