вторник, 12. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Пожари во Франција, температури до 47 степени

Пожари во Франција, температури до 47 степени

Пожарите во Франција, Грција, Португалија, Шпанија и Хрватска уништија илјадници хектари земја и принудија илјадници жители и туристи да се евакуираат. Ова е втор топлотен бран што погоди делови од Европа во изминатите неколку недели.

Научниците ги обвинуваат климатските промени и предвидуваат почести и поинтензивни епизоди на екстремни временски услови како топлотни бранови и суша.

Франција се подготвува за врвот на топлотниот бран што ја зафати земјата овој понеделник, додека шумските пожари продолжуваат да беснеат низ стариот континент. Синоптичарите издадоа највисока тревога за екстремни температури во дури 15 делови во Франција, вклучително и Жиронд на југозапад, каде пожарите веќе направија хаос.

Во Франција, во шумата Ландес во регионот Аквитанија, температурите беа над 42 степени Целзиусови, според синоптичарот Оливие Пруст. А Бретања, која до неодамна ги избегнуваше најлошите горештини, може да забележи температура од 40 степени Целзиусови, велат експертите, што би било рекорд за регионот.

Во неделата, пожарите во Жиронд, кои беснеат од вторникот, веќе уништија 13.000 хектари земја. Тие беа предизвикани од силните ветрови и принудија на евакуација 16.200 туристи, соопштија пожарникарите.

„Ќе има апокалиптична топлина во одредени области на југозапад“, изјави за AFP синоптичарот Франсоа Гуран од Метео-Франко. Температурите низ земјава се очекува да бидат над 30 Целзиусови степени, а во западната половина од земјава од 38 до 40 степени.

Официјални лица во неколку региони оттогаш исто така издадоа предупредувања за загадување поради високите концентрации на озон.

Во Шпанија, властите известија за околу 20 шумски пожари кои сè уште беснеат во различни делови на земјата, од југ до Галиција на крајниот северозапад, каде што пожарот уништи околу 4.500 хектари земја.
Во пожарите веќе загинаа неколку лица за брза помош од минатата недела, пренесуваат агенциите.