Финскиот претседател Саули Ниинисто и шведската министерка за надворешни работи Ен Линде денеска изјавија дека е постигнат одреден напредок во преговорите со цел надминување на приговорите на Турција за апликацијата на Шведска и Финска за членство во НАТО.
Турција ги блокираше кандидатурите на Шведска и Финска за влез во НАТО, обвинувајќи ги дека ја поддржуваат Курдската работничка партија (ПКК), која Анкара ја смета за терористичка организација.
Се очекува лидерите на НАТО на тридневниот самит во Мадрид да го повикаат турскиот претседател Таип Ердоган да го укине ветото на нивните кандидатури, бидејќи Западот се обидува да испрати сигнал за решителност до Русија и Кина.
-Подготвени сме за можноста дека нешто позитивно може да се случи денеска, но може да потрае подолго, изјави Линде за дневниот весник „Свенска дагбладет“ (СвД).
Ниинисто беше малку повнимателен. Тој рече дека има повеќе меѓусебно разбирање во разговорите, но дека не е ниту оптимист, ниту песимист, за решавање на кризата пред неговиот вечерен состанок во Мадрид со Ердоган, лидерот на НАТО Јенс Столтенберг и шведската премиерка Магдалена Андерсон.
-Општиот став е дека дискусиите поминаа малку подобро, што треба да значи дека разбирањето е донекаде зголемено од двете страни, им кажа Ниинисто на новинарите, мислејќи на претходните разговори меѓу дипломатите.
Говорејќи пред да оди на самитот на НАТО во Мадрид, Ердоган рече дека скандинавските земји мора да ги земат предвид грижите на Турција и да понудат дела, а не зборови, доколку сакаат да станат членки на НАТО. (МИА)