среда, 29. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Претседателот на Танзанија кој исчезнал од јавноста, починал од наводна срцева болест

Претседателот на Танзанија кој исчезнал од јавноста, починал од наводна срцева болест

Претседателот на Танзанија Џон Помбе Магуфули, кој долго време негираше дека Ковид-19 претставува закана за неговата земја, почина по мистериозно двонеделно заболување, пренесува Фајненшл тајмс.

61-годишниот Магуфули исчезна од очите на јавноста на 27 февруари, предизвикувајќи шпекулации дека се заразил со Ковид-19, иако премиерот Касим Маџалива, минатата недела инсистираше на тоа дека претседателот е „здрав и работи напорно“.

Најмалку четири лица беа уапсени за ширење гласини дека претседателот е болен, што е дел од моделот на репресија врз новинарите кои го критикуваа Магуфули или неговата политика, пренесува весникот.

Синоќа, потпретседателката Салим Сулуху Хасан, во телевизиско обраќање до јавноста соопшти дека Магуфули починал.

„Почитувани Танзанци, со жалење објавуваме дека денеска, на 17 март 2021 година околу 18 часот го загубивме нашиот храбар водач, претседателот Џон Магуфули, кој почина од срцево заболување“, рече таа. Хасан дополни дека тој починал во болницата Мзена во Дар ес Салаам, каде се лекувал.

Од почетокот на пандемијата во март 2020 година, Магуфули ја минимизираше сериозноста на вирусот.

Во еден момент, тој се исмејуваше со тестовите за тестирање на коронавирус во земјата, велејќи дека тајно испратил примероци од папаја и коза и дека тие излегле позитивни. Иако тој никогаш не достави доказ за тоа тврдење, Магуфули велеше дека овие резултати може да значат дека луѓето добиваат лажни позитивни резултати.

Набргу потоа, Танзанија престана да споделува ажурирања за бројот на заразени и починати лица поради Ковид-19. Последните податоци за коронавирусот во земјата беа дадени во мај минатата година. Во тоа време, за 509 лица беше потврдено дека се заразиле со вирусот, а 29 починале. Магуфули ги осудуваше мерките против ширење на коронавирусот, а вакцините ги оквалификува како „завера на западот“.