Сите 100.000 примероци од новиот број на француското издание на „Плејбој“ со министерката Марлен Шјапа на насловницата беа продадени за три часа, изјави уредникот Кристоф Флорентин.
Тој додаде и дека се испечатени дополнителни 60.000 примероци. Инаку, вообичаено, во Франција се продаваат околу 30.000 примероци од секое издание на „Плејбој“. Политичарката позираше во облека и на ниту една фотографија не е гола, но списанието сепак беше „разграбано“, очигледно – поради нејзиното „зачинето“ интервју.
Шјапа предизвика многу контроверзии и критики во Франција затоа што се согласила да се фотографира за „Плејбој“, додека Француската влада се соочува со жестоки демонстрации против пензиските реформи.
Министерката за социјална економија, инаку, позира во бел фустан на фотографиите на Плејбој и говори за феминизмот и правата на жените. Таа е и поранешна државна секретарка за родова еднаквост (2017 – 2020), а во интервјуто го брани правото на жените да бидат токму онакви какви што сакаат да бидат.
– Доколку сакаат да се облекуваат како калуѓерки и никогаш да не ги запознаат мажите, треба да бидат поддржани во тоа. Но и ако сакаат да позираат без облека во списание. Горда сум затоа што испишав „еротска литература“, рече таа.
Сегашната министерка задолжена за родова еднаквост, Изабел Ром ја критикуваше одлуката на нејзината претходничка да даде интервју за „Плејбој“.
– Се прашувам зошто избра списание кое е кондензат на сите сексистички стереотипи за промовирање на правата на жените? Па, тоа е културата на „жената-објект“, рече Ром.