Производителот на автомобили „Рено“ во 2020 година забележа пад на продажбата од 21,3 отсто, јави дописникот на МИА.
Групацијата лани има продадено 2,9 милиони автомобили. Падот на продажбата на групацијата е „главно како резултат на високата изложеност во земјите кои претрпеа строги ограничувања и прекинување на нивните трговски активности во вториот квартал, како и забавувањето во четвртиот квартал, особено во Франција“, прецизира „Рено“.
Во Европа, продажбата опадна за 25,8 отсто, на 1,4 милиони автомобили.
-Второто полугодие покажа подобра еластичност и добри перформанси на пазарот на електрични и хибридни автомобили, уверува директорот за продажба Денис ле Вот.
На крајот на декември, додаде тој, групацијата објави ниво на нарачки за 14 отсто поголеми од оние за 2019 година во Европа и ниво на залихи опаднати за 20 отсто.
-Сега се фокусираме на профитабилноста во однос на обемот на продажба, со поголема нето маржа по возило, на секој наш пазар, рече генералниот директор на „Рено“, Италијанецот, Лука де Мео.
Според него, првичните резултати се веќе видливи во втората половина на 2020 година, особено во Европа каде што брендот „Рено“ напредуваше на најпрофитабилните канали на продажба и го зајакнува своето лидерство на автомобилите на електричната енергија. Рено продолжи да доминира на пазарот на електрична енергија во Европа во 2020 година со продадени 115.888 возила, од кои 100.000 автомобили од типотЗОЕ. Исто така, лансираше електрифицирана верзија на својот мини-градски автомобил „Твинго“ и за 2021 година го претстави електричниот модел, што сака да биде најевтиниот на пазарот, „Дачиа Спринг“.