вторник, 14. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Продолжуваат протестите во Еквадор на кои се бара намалување на цената на горивото

Продолжуваат протестите во Еквадор на кои се бара намалување на цената на горивото

Илјадници домородни жители и членови на други незадоволни групи вчера маршираа низ главниот град на Еквадор, на осмиот ден од протестот за цената на горивата.

Претседателот Гиљермо Ласо ја продолжи вонредната состојба во шест провинции и прогласи полициски час во Кито за да ги запре демонстрациите во кои има десетици повредени.

„Оваа одлука ја штити благосостојбата на граѓаните кои се соочуваат со насилство. Во исто време се штитат и правата на оние кои мирно протестираат“, соопшти Владата.

Пеш, на мотоцикли и во преполни камиони, демонстрантите маршираа кон центарот на главниот град Кито од Кутуглаг, област во јужниот дел на Кито.

Моќната Конфедерација на домородните Еквадорци (Конае), заслужна за соборувањето на тројца претседатели меѓу 1997 и 2005 година, повика на протест бидејќи на Еквадорците им е сè потешко да врзат крај со крај, наведуваат западни медиуми.

Има повеќе од еден милион домородни луѓе од вкупно 17,7 милиони жители на Еквадор, а на нивниот протест се приклучија студенти, работници и сите кои ги чувствуваат економските последици.

– Повикавме на дијалог, но тие не сакаат мир, рече Ласо во видеото објавено на Твитер. Тие бараат хаос, тие сакаат да го сменат претседателот.

Полицијата соопшти дека 63 полицајци биле повредени во судирите, а 21 од нив биле накратко држени како заложници на почетокот на протестите, додека групите за човекови права пријавија 79 уапсени и 55 ранети цивили.