Веб-страницата на францускиот Сенат е недостапна поради блокадата за која се тврди дека ја извршила проруската хакерска група NoName.
Во март таа група ја блокираше веб-страницата на Долниот дом на францускиот Парламент, Националното собрание.
„Пристапот до веб-страницата на Сенатот е прекинат од изутрината, нашиот тим е целосно мобилизиран за да ги отстрани дефектите“, соопшти Сенатот на Твитер без да даде дополнителни детали.
NoName ја презеде одговорноста со порака на Телеграм во која на руски и англиски јазик ја критикува поддршката на Франција за Украина.
„Во печатот прочитавме дека Франција работи со Украина на нов план за помош кој може да вклучува оружје, како и изјавите на министерката за надворешни работи Кетрин Колона“ и „ја блокиравме веб-страницата на францускиот Сенат“, се вели во пораката.
Веб-страницата на Долниот дом на Парламентот беше блокирана неколку часа на крајот на март. И тогаш групата NoName ја презеде одговорноста, а причината исто така беше поддршката на Франција за Украина.
Колективот NoName, основан во март 2022 година, е еден од околу 80-те проруски хакерски групи кои ги напаѓаат институциите на земјите што ја поддржуваат Украина, особено во Западна Европа, објасни аналитичарот Николас Квинтин на крајот на март.