Во документот составен од израелското Министерство за разузнавање, како решение за Појасот Газа по соборувањето на Хамас, се препорачува преместување на цивилното население на египетскиот Синајски Полуостров, се наведува во копија од документот.
Владините претставници ја минимизираат важноста на споменатиот документ, а од кабинетот на премиерот за израелскиот весник „Хаарец“ изјавија дека во прашање се „почетни размислувања“ за ова прашање, кое властите во моментов не го ни разгледуваат, бидејќи фокусот е ставен на војната, пишува „Тајмс оф Израел“.
Документот од 13 октомври повикува на преместување на цивилното население во градовите со шатори во северен Синај и на крајот изградба на постојани градови и отворање на хуманитарен коридор. Планот вклучува „стерилна“ тампон зона во Египет широка неколку километри, за да се осигура дека населението не може да ги насели границите на Израел.
Во планот се споменуваат и проблеми кои можат да се појават на меѓународно ниво, но, како што се наведува, потегот е оправдан со тоа што се претставува како решение за бегалското население кое бара засолниште од војната. Се тврди дека таквото принудно преместување би послужило и како предупредување за Хезболах – Израел можел да ги принуди бегалците да заминат во јужен Либан, област претходно окупирана од израелската армија од 1982 до 2000 година.
Документот вклучува и две други опции – контрола на палестинската власт во Појасот Газа или поддршка на локален режим – но и двете опции се отфрлаат како проблематични од различни причини, вклучувајќи го и фактот дека тие нема да послужат како одвратување од нападите врз Израел.
Египет одби да го разгледа прифаќањето на Палестинците кои бегаат од војната во Израел.