Граѓаните на Уганда ги блокираа улиците во источниот град Џинџа, главниот центар на фрекфентниот автопат во близина на границата со Кенија, незадоволни од рапидното зголемување на трошоците за живот.
Уличните протести доаѓаат еден ден откако властите во оваа источноафриканска држава предупредија за наводен заговор од некои „внатре и надвор од земјата“ кои ги охрабруваат луѓето прво да останат во затворени простории три дена во знак на протест против инфлацијата.
„По три дена, заговорниците тврдат дека нивните наводни протести ќе се претворат во отворени улични демонстрации и масовни немири, со цел намерно да предизвикаат промена на власта. Тоа се нелегитимни и неуставни средства кои најостро ги осудуваме“, се наведува во полициското соопштение.
Еден литар бензин во главниот град Кампала сега се продава по рекордна цена од околу 1,6 евра, а во другите делови на земјата и повеќе.
Улиците на Кампала често пати се блокирани за време на сообраќајниот пик од денот со автобуси, мини комбиња и такси со мотоцикли, но од неодамна некои области се без автомобили.
Претседателот на Уганда, Јовери Мусевени, во многу говори се спротивстави на повиците од неговата влада да почне со интервенции во цените, слични на оние на кенискиот претседател Ухуру Кенијата, кој ја зголеми минималната плата и ја субвенционираше цената на пченкарното брашно.
Властите на Уганда за ваквиот инфлаторен притисок најмногу ја обвинуваат војната во Украина.