среда, 29. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Противкандидатот Сунак и досегашниот премиер Џонсон побараа конзервативците да ја поддржат новата лидерка и премиерка Лиз Трас

Противкандидатот Сунак и досегашниот премиер Џонсон побараа конзервативците да ја поддржат новата лидерка и премиерка Лиз Трас

Поранешниот британски министер за финансии, Риши Сунак, кој денеска загуби на внатрепартиските избори за лидер на Конзервативната партија и нов премиер, по објавувањето на изборниот резултат изјави дека партијата сега треба да се обедини околу победничката Лиз Трас.

Британските медиуми пренесоа дека Сунак на Твитер порача – „добро е сега да се обединиме со новата премиерка Лиз Трас додека таа ја води земјата низ овие тешки времиња“.

И досегашниот британски премиер, Борис Џонсон, и честиташе на Трас за нејзиниот избор за нов лидер на конзервативците и ја повика владејачката партија да и даде целосна поддршка.

„Знам дека таа го има вистинскиот план за борба против регионалната нееднаквост, проблемот со животниот стандард и обединувањето на Конзервативната партија. Сега е време сите конзервативци да застанат зад неа 100 отсто“, напиша Џонсон на Твитер.

Трас денеска излез победник во внатрепартиската лидерска битка со поранешниот министер за финансии Риши Сунак. Таа утре ќе треба да стане и премиерка на Обединетото кралство кога кралицата Елизабета Втора ќе ја покани да формира нова влада, на приемот во замокот Балморал во Шкотска.

Претходно, актуелниот британски премиер Борис Џонсон, кој поднесе оставка на 7 јули, треба да и ја предаде оставката на кралицата. (МИА)