понеделник, 27. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Пуџдемон ослободен од притвор

Пуџдемон ослободен од притвор

Суд во германската сојузна покраина Шлезвиг-Холштајн денеска донесе одлука за ослободување од притвор на поранешниот претседател на каталонската регионална Влада, Карлес Пуџдемон, со кауција од 75.000 евра.

Според одлуката на Судот, 55-годишниот Пуџдемон ќе остане на слобода се до донесувањето одлука по барањето на шпанските власти за негова екстрадиција во Шпанија, каде е обвинет за бунт, поттикнување бунт и злоупотреба на државни средства за организирање на ланскиот референдум за независност на Каталонија.

Судот оцени дека Пуџдемон не може да биде екстрадиран во Шпанија по главното обвинение за бунт, бидејќи според германското законодавство таквото дело би требало да подразбира и насилство.

Германското јавно обвинителство во вторникот побара Судот да дозволи екстрадиција на Пуџдемон во Шпанија, со обарзложение дека барањето на Мадрид е оправдано, бидејќи „можело да се очекува оти организирањето на противуставниот референдум за независнот на Каталонија, ќе доведе до насилни судири“.

Адвокатите на Пуџдемон побараа од германските власти „да не се мешаат во случајот“, со образложение дека целиот случај има „политичка димензија“.

Пуџдемон минатиот викенд на средба со двајца пратеници во германскиот Парламент, кои го посетија во притворот, изјави дека не е криминалец и дека борбата за независност на Каталонија се базира на демократија и ненасилство.

– Ние не сме криминалци. Два пати победивме на избори, изјавил Пуџдемон

Пуџдемон нагласил дека кривичното дело бунт, за кое го товарат шпанските власти, подразбира употреба на сила. – Немаше насилство, значи нема ни бунт, изјавил Пуџдемон на средбата.

Пуџдемон беше уапсен во Германија на 25 март, додека се враќаше од Финска во Белгија, и беше префрлен во притвор во Нојминстер. Тој ја напушти Шпанија лани во октомври откако Мадрид ја суспендира автономијата на Каталонија, како одговор на одлуката на каталонскиот Парламент за прогласување независност на регионот.

МИА