Аеродромот „Митига“ во либискиот главен град Триполи е ракетиран ноќеска, при што, според вооружената група која го држи под контрола, немало жртви или материјална штета.
„Митига“ е една од главните врски на Либија со светот, а во време на нападот кон него патувал патнички авион кој полетал од Александрија во Египет. Леталото е пренасочено кон аеродромот во Мисрата, поради заканата од ракетниот напад.
Повеќе вооружени групи водат борби за контрола врз Триполи откако либиската Влада се обиде да расформира единица на армијата во чија лојалност се сомневаше. Тоа предизвика бунт и улични пресметки во градот.
Аеродромот „Митига“ беше затворен од 31 август до 6 септември поради борбите во Триполи, а беше повторно отворен со помош на Обединетите нации.
Одговорност за нападот презеде група која се нарекува Младинско движење на Триполи.
МИА