Тројца од шестмината ранети мажи во вооружената пресметка во шведскиот град Малме им подлегнаа на повредите, соопштија властите во Шведска.
Полицијата соопшти дека двајца мажи на возраст од 18 и 29 години за време на ноќта им подлегнале на повредите здобиени во пукотниците, а здравствените претставници рекоа дека третиот маж кој бил на возраст од 30-тина години исто така починал. Уште тројца мажи се ранети во пукотниците кои се случија вчера вечер, од кои еден е во потешка здравствена состојба.
Очевидци велат дека мажите се ранети додека излегувале од едно интернет-кафе во југоисточниот дел на Малме. Шведските медиуми пишуваат дека пукотниците се слушнале во близина на полициска станица така што полицајците веднаш биле на местото на инцидентот.
Полицијата вели дека се уште никој не е уапсен поради поврзаност со пукотниците и оти полицајците се во потрага по едно темно возило. Обвинителството денеска соопшти дека овој инцидент нема „терористички предзнак“.
Иако во Шведска стапката на криминал е релативно ниска, сиромашните делови на Стокхолм, Гетеборг и Малме во последните години бележат раст на насилство кои власитите им ги препишуваат на групи поврзани со трговија на дрога и проституција.