Во петокот разрешениот британски министер за финансии Кваси Квартенг, кој се смета за автор на контроверзниот план за спас на економијата на Обединетото Кралство, верува дека премиерката Лиз Трас ќе биде сменета од нејзината функција за неколку седмици, речиси два месеца од добивањето на мандатот, пишува The Times.
„Квартенг верува дека спротивните буџетски одлуки на Трас и неговото разрешување од должноста веројатно нема да бидат доволни за да ја спасат (премиерката Трас) од оставка“, пишува весникот цитирајќи неименувани извори.
Во написот на The Times, исто така, се забележува дека на такво мислење не е само Квартенг, туку и други владини претставници од Даунинг стрит, според коишто смената на Трас од функцијата е „само прашање на време“.
Квартенг беше именуван за министер за финансии на почетокот од септември, откако Трас победи за изборот на нов челник на владејачката Конзервативна партија, следствено и за нов шеф на британската влада. Две ипол седмици подоцна министерот во парламентот го претстави планот за поддршка на економијата, кој предвидуваше големи даночни намалувања, особено кај оние со најголеми приходи. Тоа предизвика превирања на пазарите, а владата на Трас се соочи со бројни критики поради стравувањата дела таквата политика ќе доведе до зголемување на јавниот долг.
По објавувањето на планот на Квартенг, приносите на петгодишните државни обврзници на Велика Британија се искачија на нивото од 2008 година на 4,6 отсто, што значи намалување на нивната побарувачка. Фунтата притоа остро падна и го достигна историски најниското ниво од 1,054 долари за фунта.
За да ги примири пазарите и инвеститорите, Трас во петокот го именуваше поранешниот министер за надворешни работи Џереми Хант за нов министер за финансии, откако во драматичен расплет го смени Кваси Квартенг, што во медиумите се коментира како знак за промена во политиката.
Изборот на Хант, кој беше приврзаник на нејзиниот ривал Риши Сунак во борбата за челник на владејачката Конзервативна партија и следствено за заменик на Борис Џонсон на чело на владата, се смета за обид за обновување на стабилноста по повеќенеделните превирања поради мини-буџетот кој сега му се припишува на Квартенг што ги преплаши финансиските пазари со планираното големи намалувања на даноците кои ги плаќаат оние со најголеми приходи.
Покрај тоа, именувањето на Хант се смета и обид на Трас да ги придобие своите критичари меѓу Ториевците кои се чувствуваат исклучени откако владата ја пополни со своите приврзаници.