вторник, 12. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Реакции од светските политичари по најновата одлука на Путин

Реакции од светските политичари по најновата одлука на Путин

Рускиот претседател Владимир Путин во денешното телевизиско обраќање до нацијата, објави дека дал инструкции за изедначување на правниот статус на доброволците во воената операција во Украина и борците во Донбас со руските војници.

„Веќе дадов инструкции до Владата и Министерството за одбрана во целост и во најкус можен рок да го дефинираат правниот статус на доброволците и борците на единиците на народните републики Доњецк и Луганск. Тој треба да биде еднаков на статусот на војник на редовната руска армија“, рече Путин.

„Само граѓаните кои моментално се во резерва, пред се оние со искуство, ќе бидат предмет на делумна мобилизација“, рече Путин денеска во телевизиско обраќање.

Договорите за служба во вооружените сили на Русија ќе важат до крајот на периодот на делумна мобилизација, се вели во декретот на рускиот претседател објавен денеска.

Во декретот на Путин, објавен денеска, се прецизира дека највисоките функционери во регионите на земјата ќе треба да обезбедат делумна мобилизација во рокот што за тој регион го одреди Министерството за одбрана.

Претседателот на Русија денеска објави делумна мобилизација во земјата со цел да се зголеми бројот на војници во воениот конфликт во Украина.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу денеска изјави дека делумната мобилизација што ја најави рускиот претседател Владимир Путин се однесува на лица со воено искуство и најави дека ќе бидат повикани 300.000 резервисти.

Први реакции од светот 

-Никакви закани и пропаганда не можат да го скријат фактот дека Украина победува, изјави британскиот министер за одбрана Бен Валас, кој смета дека изјавите на Владимир Путин утринава се признание дека неговиот план во Украина пропаѓа.

-Папата Франциск утринава изјави дека Украина е „маченик“, откако Владимир Путин потврди дека денеска ќе бидат мобилизирани руските резерви. Папата не ги именуваше Путин или Русија, но го осуди „дивјаштвото, монструозноста и тортурата“ што се случуваат во Украина.

– Чешкиот премиер Петр Фиала рече дека делумната мобилизација што ја објави Москва е „обид за понатамошна ескалација на руската војна против Украина“. Според него, тоа е „уште еден доказ дека Русија е единствениот агресор“.

-Холандскиот премиер Марк Руте за холандската телевизија НОС рече рускиот претседател е во паника.

– Мобилизација, повикување на референдуми во Доњецк, сето тоа е знак на паника. Неговата реторика за нуклеарното оружје е нешто што сме го слушнале многу пати досега и нè остава ладни. Сето тоа е дел од реториката што ја знаеме. Би ве советувал да останете мирни, порача тој.

– Германскиот министер за економија Роберт Хабек ја осуди најавата на Путин за делумна мобилизација.

– Овој потег е лош и погрешен, нагласи Хабек.