Речиси 90 отсто од работниците сакаат да имаат избор дали да работат од дома или од канцеларија откако ќе се отстранат ограничувањата во борбата против коронавирусот. Тие исто така сакаат поголема автономија во однос на работното време, се наведува во истражувањето од страна на компанијата Циско Системи (Cisco Systems).
Пандемијата брзо го смени односот кон работата од дома, покажува студијата, бидејќи две третини од работниците имаат повисока оценка за придобивките и предизвиците на работењето од дистанца.
Иако само 5 отсто од испитаниците работеле од дома пред пандемијата, сега 87 отсто од вработените сакаат да добијат можност да изберат каде, како и кога да работат, комбинација на канцелариска работа и работа од дома, се наведува во извештајот на Циско.
Потпретседателот на Циско, Гордон Томсон вели дека компаниите ќе треба да направат измени за да ги исполнат новите барања на вработените, кои пред сè им даваат приоритет на ефективната комуникација и соработката.
Тој истакна дека технологијата мора да се користи за да се осигури безбедноста на вработените и заштитата на нивните податоци во нивното работно опкружување, без разлика дали се дома или во канцеларија.
Според него, ова може да вклучува сензори што ја следат топлината и светлината на работното место или технологија што ја проверува социјалната оддалеченост и дали луѓето носат маски во канцеларијата.
– Веќе не станува збор само за поврзување на луѓето, туку за искуство што им го пружате на луѓето додека се поврзуваат, додаде Томсон.
Во анкетата се опфатени 10.000 луѓе на 12 пазари во Европа, Блискиот исток и Русија, како дел од студијата на Циско за иднината на работните места.