Британскиот конзервативец Риши Сунак, чија оставка од кабинетот на премиерот Борис Џонсон помогна да предизвика лавина оставки од други министри, денеска ја објави својата кандидатура да стане следниот лидер на партијата.
„Да ја вратиме довербата, да ја обновиме економијата и повторно да ја обединиме земјата“, нагласи поранешниот министер за финансии, презентирајќи видео за неговата животна приказна за да ја почне кампањата на социјалните мрежи.
Трката за наследник на Борис Џонсон како премиер започна сериозно откако уште двајца кандидати сигнализираа дека ќе влезат во конкуренција.
Том Тугендхат, претседател на Комитетот за надворешни работи, синоќа ја објави својата кандидатура со ветување дека Конзервативната партија ќе ја претвори во „широка црква“. Близок сојузник на Грант Шапс објави дека и секретарот за транспорт размислува за кандидатура.
Тугендхат веќе има голем број пратеници кои му ја изразија својата поддршка и покрај недостатокот на министерско искуство. Во текст за Дејли Телеграф, тој вети дека ќе го укине неодамнешниот пораст на националното осигурување, ќе ги намали давачките за гориво и ќе ги укине царините за странскиот увоз.
Нему му се придружи Шапс, кој беше опишан како „одличен избор“ за лидер од неговиот пријател и сојузник, Роберт Кортс, министер во неговиот оддел.
Лидерската трка ќе биде една од најотворените во поновата историја со над десет кандидати кои се очекува да се пријават.
Се очекува да се кандидираат и Лиз Трас, Саџид Џавид, Бен Валас, Надим Захави и Џереми Хант. Своја кандидатура веќе се изјаснија Суела Браверман и Стив Бејкер.
Меѓу оние кои, исто така, се смета дека размислуваат за понуда се Прити Пател, министерка за внатрешни работи, Џејк Бери, шеф на Северната истражувачка група на конзервативни пратеници и Кеми Баденох, помлад министер и ѕвезда во подем во партијата.
Конзервативните пратеници сакаат наследникот на Џонсон да биде поставен до почетокот на септември и покрај повикот на сер Џон Мејџор тој да биде сменет веднаш (МИА)