петок, 8. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Роблес: ЕУ изразува поддршка на Украина и на вредностите што таа ги застапува

Роблес: ЕУ изразува поддршка на Украина и на вредностите што таа ги застапува

Европската Унија уште еднаш ја реафирмира својата апсолутна и целосна поддршка за Украина, изјави денеска шпанската министерка за одбрана Маргарита Роблес на неформалниот состанок со нејзините колеги од земјите членки на ЕУ, што се одржува во Толедо.

– Овој министерски состанок е многу важен во контекст на ситуацијата во Украина по долгиот период на сурова војна. На оваа средба јасно ќе ја искажеме посветеноста на ЕУ за поддршката на Украина, која се соочува со масакри што ги извршува Владата на Путин, рече Роблес, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.

Според најавите, главни теми на состанокот во Толедо се актуелните настани поврзани со руската агресија врз Украина и нејзините глобални и регионални последици, како и ситуацијата во Нигер по воениот удар.

Роблес, која заедно со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел претседава со состанокот, нагласи дека шпанскиот град Толедо има симболично значење за Украина затоа што во него се наоѓа Пешадиската академија во која се обучуваат украински војници.

– Оттука, сакам да ја изразам поддршката и посветеноста на ЕУ на Украина и на вредностите што таа ги застапува, истакна Роблес.

Таа додаде дека на состанокт ќе се разговара и за случувањата во реонот на Сахел поврзани со воениот удар во Нигер. Потсетувајќи дека Шпанија има стационирано свој воен контингент во Мали во рамки на една од мисииите на ЕУ во регионот, Роблес истакна дека нејзината земја е целосно посветена на безбедноста и мирот и сака да им изрази почит на сите војници во мисиите во странство.

Роблес се осврна и на, како што рече, „вчерашните дисквалификации, критики и закани“ упатени кон Борел, нагласувајќи дека ЕУ изразува солидарност и поддршка со нејзиниот висок претставник и дека тие закани и навреди се однесуваат и на Европската Унија во целина, без при тоа да посочи од чија страна биле тие упатени.